Студентите се обидоа да ги спречат приврзаниците на партијата на поранешниот премиер и претседател Сали Бериша да им се приклучат на масовниот собир. Носејќи транспарент со натпис „Рама во затвор, Бериша во затвор“, младите отворено го искажаа своето незадоволство од вмешувањето на политичките субјекти во нивниот протест, и покрај тоа што Бериша ги повика граѓаните на масовна поддршка, оценувајќи дека победата на студентскиот бунт е од клучно значење за земјата.
Албанската полиција употреби солзавец и бибер-спреј за време на ескалацијата на судирите со учесниците на протестот лоциран директно пред зградата на Министерството за образование во Тирана. На теренот, одредена група демонстранти запали контејнери за отпад и насилно ги туркаше кон полицискиот кордон распореден да го обезбедува објектот.
Тензиите пред институцијата дополнително пораснаа откако лица со маски на главите фрлаа со камења и тврди предмети кон униформираните полицајци. Полицијата возврати со употреба на хемиски средства, солзавец и бибер-спреј, а за целосно растурање на толпата беа донесени и специјални возила со водени топови.
Собирот во Тирана првично започна исклучиво како студентски протест, но набрзо прерасна во судир меѓу студентите и членовите и поддржувачите на опозициската Демократска партија, кои се обидоа да го преземат протестниот марш.
Младите категорично бараа да нема партизација на нивното движење. Тие носеа јасни пораки против политичките елити, одбивајќи да се поистоветат со политичките структури кои се обидуваат да извлечат сопствена корист од револтот.
Студентскиот бунт во Албанија стартуваше на 13 октомври во главниот град поради сериозното незадоволство од лошите просторни и наставни услови на универзитетите, високите уписни давачки и трошоци за студирање, минималната државна помош, како и неповолните услови за наоѓање работа по дипломирањето.
Протестите брзо добија поширок антивладин карактер, при што демонстрантите побараа оставка од премиерот Еди Рама и итно именување на преодна техничка влада. Изминатиот период беа регистрирани серија судири со полициските сили, палење јавни и деловни објекти, како и приведување на стотици демонстранти, додека партијата на Бериша континуирано инсистира на нови општи избори.
