На денешен ден, пред девет години, војвотката од Сасекс за првпат го покажа прстенот пред јавноста, откако таа и принцот Хари ја објавија својата свршувачка. Експертите сега шпекулираат дека прстенот – за кој се вели дека бил преправен дури четири пати – можеби претрпел оштетувања поради овие бројни измени, пренесува германското издание на „Гала“.
Меган последен пат го носела прстенот – чија вредност се проценува на околу 120.000 фунти – на натпреварот „НБА Ол-стар“ во Калифорнија. Раководителот за набавки во јувелирската куќа „Ернест Џонс“, Сали Аркли-Вејд, изјави за медиумите дека накитот можеби е оштетен како последица на повеќекратните преправки.
Принцот Хари го дизајнираше прстенот во соработка со јувелирската куќа „Клив енд компани“. Два помали дијаманти потекнуваат од нараквици што ѝ припаѓале на принцезата Дијана, додека централниот камен доаѓа од Боцвана – земја која има посебно значење за двојката.
Првите промени беа забележани во 2019 година, за време на парадата „Трупинг д колор“. Обрачот на прстенот беше заменет со потенка верзија, украсена со ситни дијаманти. Според книгата „Finding Freedom“ од Омид Скоби, оваа измена била идеја на Хари. Дополнителни промени беа забележани на „Invictus Games“ во 2022 година.
Основачот на „Престиж понброкерс“, Џејмс Константину, предупредува дека честите измени на едно парче накит можат да го ослабат неговиот структурен интегритет. Дупчењето ситни отвори во металот за да се вметнат дополнителни дијаманти може да влијае врз стабилноста на прстенот.
Од „Гала“ сугерираат дека прстенот можеби е на поправка. Тој претходно бил поправан поради проблем со лежиштето на еден од камењата. Сепак, сè уште не е потврдено зошто Меган повеќе не го носи во јавноста.
