Владата го анализира извештајот на Пазарниот инспекторат за состојбата со цените

Премиерот Христијан Мицкоски порача дека состојбата со цените е под постојан надзор и најави дека Владата ќе преземе мерки доколку се утврди злоупотреба или манипулација од страна на трговците. Ова го изјави денеска при присуството на манифестацијата „Од нива до трпеза“ во општина Аеродром.

„Состојбата со цените апсолутно ја следам одблиску. Реков дека нема да толерирам трикови. Внимателно следиме што се случува во маркетите. Доколку има непринципиелни постапки, кои јас ги нарекувам трикови, ќе преземеме конкретни мерки. Исто така, имаме во план да носиме нови мерки и јавноста ќе биде известена благовремено,“ рече Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање.

Мицкоски најави дека Владата во следниот период ќе го разгледа извештајот на Државниот пазарен инспекторат по завршувањето на антикризните мерки. Откако ќе се направи анализа, ќе се формира официјален став што ќе биде соопштен во јавноста.

Временските непогоди влијаат врз цената на овошјето

Во коментар за цените на некои овошја, премиерот посочи дека високата цена на црешите е резултат на студот што ги погодил овоштарниците.

„Цената не е 500 денари, туку се движи меѓу 200 и 300 денари по килограм. И тоа е многу. Причината за ваквите цени се ниските температури кои предизвикаа штети кај црешите. Исто така, истиот студ го погоди и ресенското јаболко. Иако очекувавме добар род, за жал, тоа нема да се случи. Ќе биде преполовено, ако не и трипати намалено. Ретката понуда ја диктира високата цена. Очекувам слична ситуација и со јаболката,“ изјави Мицкоски.