Министерот за здравство Сашо Клековски оствари работна посета на ЈЗУ Специјализирана болница за нефрологија во Струга, каде што одржа средба со раководството предводено од директорот д-р Јетмир Зиба и разговараше со вработените здравствени работници за тековните услови и плановите за развој на оваа јавна здравствена установа.
Болницата претставува регионален центар за нефрологија и урологија, препознатлив по дијализата на пациенти со потешка здравствена состојба, односно лица на кои им е неопходна најсложена медицинска грижа. Според статистичките податоци презентирани за време на посетата, само во текот на 2025 година во установата се реализирани 16.681 хемодијализа, 738 крвни пристапи (АВ фистули) за пациентите на дијализа, речиси 16.000 прегледи во нефролошката и над 7.300 во уролошката амбуланта, а на Нефролошкото одделение биле хоспитализирани вкупно 1.381 пациент. Во моментов болницата постепено се осовременува со нови машини за дијализа, а набавена е и нова анестезиолошка опрема.
Установата уште од пред 40 години нуди здравствен туризам, а од неодамна е пријавена и на специјализираната платформа Букинг дијализа, со што своите капацитети ги отвора и за странски посетители кои имаат потреба од редовна терапија.
„Најмногу ме израдуваа зборовите на пациентите — од нив слушнав само пофалби за здравствениот персонал. За пациент што на дијализа доаѓа неколку пати неделно, со години, односот на сестрите и лекарите е дел од самата терапија. Предизвикот пред болницата е генерациска смена — голем број медицински сестри заминуваат во пензија оваа и следните години. Нивното знаење и искуство не смее да замине заедно со нив. Затоа навремената замена и пренесувањето на искуството на помладите колеги мора да се планираат уште сега“, вели Сашо Клековски.
Министерот јавно им се заблагодари на д-р Зиба и на целиот медицински тим за гостопримството и за посветеноста што секојдневно ја покажуваат во грижата кон пациентите.
