Папата Лав XIV ја напушти болницата „Џемели“ во Рим и се врати во Ватикан, четири дена по операцијата на белите дробови. Десетици граѓани го испратија со извици „Ваша Светост!“.

„Подобро сум, ви благодарам“, одговори 71-годишниот папа на прашањето како се чувствува, додека го носеа во црн џип. Пред да замине, ги поздрави пациентите во болницата и им мавна на луѓето собрани пред установата. Кратко застана кога една тинејџерка му подари рачно изработена кукла со неговиот лик.

Неговиот хирург, Стефано Маргаритора, раководител на Одделот за торакална хирургија во „Џемели“, го испрати до излезот при официјалното отпуштање од болницата. Папата пристигна во Ватикан десет минути подоцна.

Се очекува Лав XIV да го упати традиционалниот неделен благослов од прозорецот свртен кон плоштадот „Свети Петар“ во Рим. Тоа ќе биде една недела откако објави дека лекарите откриле израсток на белодробното крило и дека тој ќе биде отстранет. Неговото соопштение беше невообичаено отворено за практиката на Ватикан.

За време на операцијата му бил отстранет дел од плеврата, обвивката на белите дробови. Интервенцијата потврдила дека станува збор за аденокарцином, најчестата форма на рак на белите дробови.

Лекарите вчера соопштија дека кај папата забележуваат постојано подобрување. Сè уште се очекуваат резултатите од испитувањата што треба да го утврдат молекуларниот и генетскиот профил на туморот, дали тој се проширил надвор од отстранетиот дел од белите дробови и дали ќе биде потребно дополнително лекување.