Министерот за надворешни работи Бујар Османи одлучи да се прекине договорот со професорот Ванчо Ѓоргиев, кој беше член на македонско-бугарската комисија за историски и образовни прашања и кој пред две недели најави оставка од Комисијата, како што напиша, поради директни мешања на висок функционер од МНР во работата на Комисијата. Министерот Османи тогаш најави истрага во врска со обвинувањата на Ѓоргиев, а откако се покажале како неосновани, одлучил да го смени.
– Професорот не ја поднесе формално оставката, но јас донесов одлука да се прекине договорот, бидејќи тој дозволи меѓу два изборни круга политиката да влезе и сериозно да ја компромитира Комисијата. Посебно што аргумент ни е ставот на другите членови, кои едногласно кажуваат дека никогаш немало притисоци од Владата или од МНР и дека се изненадени од таквиот став. Имајќи го предвид периодот на оставката, јасно е дека е политички компромитиран процесот во неговиот случај и тој договор треба да се прекине и да се најде нов член. Јас очекувам самата комисија да ми предложи нов член, тие ги знаат експертите, знаат од која област им фали, а јас потоа да го предложам до Владата , рекол министерот Османи за „Слободен печат“.