Ниту демантира, ниту потврдува – вака министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски се постави, кога доби прашања за неговата кандидатура за претседател на државата. На истата прес-конференција двапати беше прашан. Првиот пат одмавна со рацете и рече: „Благодарам“. Кога прашањето беше повторено, тој отворено кажа дека не сака да зборува на таа тема, пренесе Скопје1.
„Тоа не се теми отворени, ниту теми за јавност, за тука. Тоа се партиски работи за кои кога ќе дојде моментот ќе го кажам својот став“, рече Спасовски.
Борбата во СДСМ за кандидат за шеф на државата продолжува. Никој од политичарите чии имиња циркулираат во јавноста како кандидати, не сака ниту да потврди, ниту да демантира. Сите посочуваат дека тоа ќе се знае откако партијата ќе одучи.
Сличен пристап имаше и актуелниот претседател, Стево Пендаровски. Тој пред месец кажа дека не исклучува можност да биде повторно кандидат, но дека нема дефинитивна одлука од негова страна.