МВР располага со првични информации и докази за сторителите на синоќешното убиство на 26-годишниот А.М. во Чаир, изјави министерот за внатрешни работи Панче Тошковски. Тој денеска, во гостувањето во „Вести плус“ на Канал 5, рече дека на расчистувањето на случајот се работи интензивно и откри дека еден од учесниците во настанот, според првичните сознанија, моментално издржува затворска казна.

Тошковски нагласи дека во оваа фаза не може официјално да ги соопшти мотивите за убиството. Тој изрази надеж дека сторителите ќе бидат пронајдени во најкус можен рок и ќе бидат предмет на кривичен прогон.

– Во овој момент официјално не би можел да издвојам кои се мотивите. Можам само да истакнам дека интензивно се работи на предметното кривично дело. Министерството за внатрешни работи има првични информации за сторителите. Има обезбедено и соодветни докази во однос на тоа кои се сторителите, така што се надевам дека најбрзо што може ќе ги обезбедиме и тие ќе бидат предмет на кривичен прогон, како што, да речеме, беа и многумина во изминатиот период, а притоа сторија огромен број кривични дела во изминативе години. И сега имаме таков случај – рече Тошковски во врска со убиството во Чаир.

Дваесет и шестгодишниот А.М. беше убиен откако две лица на мотоцикл отвориле оган кон група луѓе во Чаир, по што избегале од местото.

Од МВР соопштија дека вчера околу 23:30 часот во СВР Скопје било пријавено пукање во близина на раскрсницата меѓу улиците „Прохор Пчински“ и „Војдан Чернодрински“ во Скопје.

– Во СВР Скопје вчера околу 23:30 часот е пријавено дека во близина на раскрсница помеѓу ул. „Прохор Пчински“ и ул. „Војдан Чернодрински“ во Скопје, додека Д.Г. (29), А.Џ. (24), К.Б. (36), Е.Б. (25) и А.М. (26), сите од Скопје, стоеле пред излог на фирма, застанал мотоцикл на кој имало две лица, кои пукале со огнено оружје кон групата, по што се дале во бегство. Еден од проектилите го погодил А.М., кој со возило на Итна медицинска помош бил пренесен во Комплекс клиники „Мајка Тереза“ во Скопје, каде починал. Се преземаат мерки за расчистување на случајот – соопшти МВР.

Тошковски посочи дека постои проблем со влијанието на пенитенцијарниот систем, односно со состојбите во затворите, врз случувањата во градовите и во целата држава. Тој рече дека за ова прашање се разговарало и на конференција на која неодамна учествувал заедно со претставници на ОБСЕ и повеќе странски дипломати во земјава, меѓу кои и американската амбасадорка.

– И сега имаме таков случај. Согласно првичните информации што ги имам, еден од учесниците во рамки на овој кривично-правен настан е лице кое е уапсено од страна на МВР и кое моментално е на издржување казна затвор. Дали било пуштено, ослободено или така натаму, сè уште е рано да навлегуваме во тие детали. МВР, заедно со Јавното обвинителство, целосно ќе ја испита ситуацијата – рече Тошковски.

На прашањето дали убиството е резултат на пресметка меѓу криминални банди или станува збор за индивидуален чин на насилство, министерот одговори дека првичните информации не упатуваат на организирана криминална група што се пресметува за превласт на теренот. Според него, причините се поинакви, но сè уште е рано деталите да бидат соопштени во јавноста, поради што повика да ѝ се овозможи на истрагата да ја заврши својата работа.

– Кога гледам по социјалните мрежи одредени споредби со Дивиот Запад и така натаму, слободно би можел да кажам дека бројот на кривичните дела што се случуваат, а се од опфатот на групата на насилни кривични дела, особено поврзани со кривични дела сторени од страна на организирани криминални групи, како во градот Скопје, особено во градот Скопје, така и на целокупната територија на Македонија, во споредба со претходно, не може да се спореди, односно и тоа како драстично е намален. Особено скопјани, оние кои, да речеме, поседуваат локали, оние кои почесто се во рамките на сите оние угостителски објекти, можат да забележат драстична разлика во споредба со пред три години, кога организирани криминални групи буквално хараа низ градот. Но факт е дека сè уште имаме вакви инциденти кои и тоа како се загрижувачки од аспект на безбедноста и од аспект на работата на МВР – рече Тошковски.

Министерот испрати порака и до сите што се сметаат за недопирливи, нагласувајќи дека ќе одговараат за своите постапки.

– Можам да им упатам една порака на сите оние кои мислат дека се недопирливи и кои можеби мислат дека можат да хараат низ улиците во Македонија: на истите соодветно ќе им биде одговорено од страна на МВР и максимално брзо ќе бидат спроведени сите оние истражни дејствија што треба да се спроведат. Се надевам дека за максимално краток период ќе бидат обезбедени и изведени пред лицето на правдата. Токму тоа сме го докажале многу пати во овој период од две и пол години. На пример, би можел да издвојам само една акција која беше насочена кон една организирана криминална група. МВР, заедно со ЈО, успеа да расветли седум кривични дела – убиства што се случувале на територијата на Македонија во претходните години. Од нив, за шест беше докажано дека се сторени на територијата на Македонија, а едно беше сторено кај нашиот јужен сосед – рече Тошковски.

Во интервјуто, по повод утрешното одбележување на 35 години од независноста, Тошковски беше прашан да издвои еден позитивен и еден негативен настан од осамостојувањето на државата до денес. Тој рече дека за најпозитивен го смета самиот чин на осамостојувањето, додека за најнегативен ја посочи промената на уставното име.

– Има многу настани што би можеле да ги подведеме и во едната и во другата група. Еве, како еден од најпозитивните би го издвоил осамостојувањето на Македонија. Конечно, по многу векови, имаме своја сопствена, самостојна и независна држава, од пред 35 години па наваму, не во рамките на одредена федерација, не во рамките на одреден сојуз, туку токму она што го посакувале огромен број генерации, многу генерации од нашите предци. За мене лично, една од најцрните дамки што ќе ми остане запаметена, а е негативна, бидејќи така го поставивте прашањето, е насилната промена на уставното име. Тоа би го издвоил како една од најцрните дамки на поновата македонска историја – истакна Тошковски.