Единството на СДСМ Куманово е цврсто и подготвено за нови победи, рече министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски и член на централниот одбор на СДСМ на вчерашната трибина на локалниот огранок во Куманово. На трибината покрај Спасовски се обратија и пратениците од редовите на СДСМ, Лидија Тасевска и Мартин Костовски, како и претседателот на општинската организација на СДСМ Куманово, Александар Тушевски.
Спасовски пред сопартијците и сограѓаните потенцира дека нема идеолошка поделба во СДСМ
– Единството е цврсто и подготвено за нови победи. Не се губи единство на лични интереси, туку на идеологија а ние немаме идеолошка поделба, а оние кои се борат за лични интереси не победуваат, вели Спасовски.
Тој испрати порака дека идејата е силна и се базира на аргументи за остварените резултати во државата и градот.
– Со крената глава сме и храбро кажуваме дека направивме многу како власт за граѓаните и државата и затоа сме непобитни. Нам не ни ги конфискуваат имотите и раководството не е во затвор! Ние зборуваме за реализирани проекти, за милиони вложени во кумановскиот регион како Влада. Секогаш кога СДСМ е на власт се случуваат одлуки во интерес на граѓаните, а ВМРО-ДПМНЕ и како опозиција става нож во грб на државата во клучни моменти, мислејќи само на сопствените политички цели, вели Спасовски.
На трибината тој кажа дека во Куманово, Владата вложила 121 милиони евра во инфраструктура, обновени се сите регионални патишта, извршена е реконструкција на училишта, изградени се училишни спортски сали, реконструиран е објектот на СВР Куманово.
– Како Влада ги остваруваме стратешките интереси, најдобрата одлука е членството во НАТО, а сега сме пред почеток на преговори со ЕУ нешто за кое немаме алтернатива, а на тоа треба да бидете сите горди коишто бевте дел од овие процеси. И знајте дека достоинството на државата и народот е пред сè и за македонскиот јазик и македонската држава никогаш нема да се преговара, истакна Спасовски.
Тој пред членовите на СДСМ Куманово кажа дека се мотивирани да продолжат со нови проекти и успеси за Куманово.