Градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, вчера во гостување во емисијата „10 минути“ на ТВ 21 рече дека додека мостот не биде 100 отсто безбеден не треба да биде пуштен во сообраќај. Колку време ќе биде затворен, таа изјави дека тоа не зависи од Градот и дека во оваа фаза ги очекуваат анализите од другите институции, односно од МВР и од Центарот за управување со кризи (ЦУК).
Кога ќе бидат готови извештаите Министерството за внатрешни работи (МВР) ќе ги достави до надлежните институции. Ова денеска го изјави министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, одговарајќи на новинарско прашање кога МВР ќе ги достави извештаите за опожарениот мост „Беласица“ до Градот Скопје, од каде, пак, велат дека додека не ги добијат не можат да преземат ништо во врска со мостот, пренесе 360 степени.
„Кога извештаите ќе бидат готови, ќе бидат доставени до надлежните институции и тоа што е работа на Министерството за внатрешни работи. Инаку, испитувањата кои треба да бидат направени дали пожарот придонел во намалувањето на статиката на мостот не е обврска на МВР“, изјави кратко министерот, кој денеска ја промовираше услугата за вадење на државјанство во електронска форма.
Мостот „Беласица“, кој се наоѓа на потегот од Железничката станица во Скопје кон трговскиот центар „Ист гејт мол“, беше оштетен во пожар кој избувна во четвртокот вечерта и оттогаш е надвор од функција.
Градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, во вчерашното гостување во емисијата „10 минути“ на ТВ 21 рече дека додека мостот не биде 100 отсто безбеден не треба да биде пуштен во сообраќај. Колку време ќе биде затворен, таа изјави дека тоа не зависи од Градот и дека во оваа фаза ги очекуваат анализите од останатите институции.
„Прелиминарно, она што го имаме како информација е дека се работи за фактор човек… се надеваме дека МВР и Центарот за управување со кризи (ЦУК) ќе ги преземат соодветните мерки за да може да бидат елиминирани сите овие последици и она од кое стравуваме, да се најдат сторителите и да бидат санкционирани. Што се однесува до она што Градот може да го направи, најпрвин треба да ги почекаме анализите кои ќе произлезат, да ги видиме извештаите што ЦУК и МВР ќе ги достават до градот и да почнеме со постапување“, рече Арсовска.
Не зависи од нас колку ќе биде затворен мостот „Беласица“ кај Железничката станица, вели Арсовска
Дека мостот ќе биде затворен во петокот на 12 мај соопшти директорот на ЦУК, Стојанче Ангелов, кој рече дека така ќе биде додека не се утврди дали е безбеден за поминување. Тој тогаш соопшти дека постои опасност од паѓање делови од заштитната бетонска облога со која е обложен долниот дел на мостот, а која испукала поради пожарот.