Воглавно се почитува одлуката за посета на угостителските објекти и затворените трговски центри со ковид сертификат и засега нема кривична пријава за лажен здравствен сертификат, истакна министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.

-Контролата за нејзино спроведување ја има Државниот пазарен инспекторат и тој во секој момент може да побара асистенција од МВР или Финансиската полиција. Ако има потреба од заеднички настап тоа го правиме постојано во целиот изминати период за сите контроли кои се однесуваат за заштита на здравјето на населението, рече Спасовски во интервју за ТВ Канал 5.

Тој нагласи дека секогаш кога се носи некоја одлука постојат луѓе кои бараат начин како да ја заобиколат и да не ја почитуваат.

-Така е од почетокот на кризата, па до денешен ден. Постои одреден процент на граѓани кои секогаш истакнуваат некакви теории на заговор и непочитување на одлуки не водејќи сметка дека директно си наштетуваат на себеси, семејството и опкружувањето, рече Спасовски.

Нагласи дека веќе е отворен предмет за можна злоупотреба на здравствени сертификати, како што претходно имаше и за лажни ПЦР тестови и ги повика лекарите да не им даваат лажни потврди на граѓаните за да го избегнат вакцинирањето, за кое кажа дека е единствен начин за справување со пандемијата и ги повика граѓаните да се вакцинираат во што поголем број.

– Лекарите нема да направат ништо добро доколку се прават потези со кои ќе ги изиграме одлуките, бидејќи вакцинацијата и почитувањето на мерките е нешто што може да даде резултати во стопирањето на ширењето на вирусот Ковид -19, потенцира Спасовски.