Имено на Советот на ЕУ не ни била на дневен ред точката за проширување на унијата, а според официјалниот документ на дневен ред се зборувало особено за коронавирусот.

Втората точка за која се разговарале лидерите на ЕУ било управувањето со кризата, потоа за безбедноста и одбраната, четвртата тема на состанокот се однесувала за миграцијата во унијата, додека како петта и последна точка било дискутирано за надворешните односи во ЕУ.

Според ова никаде на дневен ред не било ставено проширувањето на ЕУ, особено отпочнувањето на преговорите на Македонија со ЕУ како што многумина од власта предводена од СДСМ тврдеа во изминатиот период.

Инаку во засебната изјава поднесена до Советот на ЕУ во врска со отпочнувањето на преговорите со Македонија, соседна Бугарија најавува дека нема да отстапи од своите барања.

Во документот приложен од страна на бугарската делегација во ЕУ, официјална Софија објаснува дека формулацијата од заклучоците на Советот на ЕУ на 14 декември за „одржување на првата меѓувладина конференција што е можно поскоро по усвојувањето на преговарачката рамка“ не претставува никаков автоматизам помеѓу усвојувањето на наведената рамка и одредувањето на датум за првата меѓувладина конференција меѓу  Македонија и ЕУ.

Софија најавува дека ќе го услови усвојувањето на преговарачката рамка со „инкорпорирање на дополнителна одредница за отворање на кластерот „Фундаменти“ (првиот кластер што се отвора во преговорите, нз) во форма на патоказ за имплементација на Договорот за пријателство.

Дополнително Бугарија најавува условување со контроверзните историски ликови, олеснување на бугарските инвестиции во  Македонија, Коридорот 8, и прекин за барањето за признавање на „македонско малцинство“ во Бугарија кое таа го смета за неосновано. Во документот Софија споменува „говор на омраза“ против бугарски граѓани во  Македонија.

Кога, и доколку, започнат преговорите со ЕУ, Бугарија ќе инсистира на овие бројни услови и за затворање на поглавјата и кластерите.