– Мерни станици се поставени, ние сме првата општина која ќе има сопствен систем за мерење на аерозагадувањето во градот, поставени се на шест локации, во следната недела ќе бидат достапни информациите на општинската веб-страна каде што ќе бидат ажурирани сите податоци и секој граѓанин ќе може на дневна основа да ги следи загадувањата и состојбите со амбиенталниот воздух во градот, изјави градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски.

Минатиот месец Куманово склучи договор со приватна компанија за набавка на систем за мерење на аерозагадувањето. За набавката на системот, општината од буџетот одвои 659.200 денари без данок на додадена вредност со избрана компанија од Скопје на претходно објавена јавна набавка.

Минатата година општината реализираше пилот-проект со фирма која монтираше поголем број мобилни станици и мобилни министаници на повеќе локации во општина Куманово, кои беа објавени на општинската веб-страница и секој можеше да провери какво е загадувањето во тие делови од градот.

Во градот има една високопрофесионална мерна станица поставена пред повеќе од десет години во дворот на општата болница Куманово.