Терористички напад е спречен вечерва во Белгија во пресрет на изборот за Мис на Белгија, откако маж (40) планирал да ги „убие сите“ на свечената манифестација, јавуваат белгиските медиуми.

Како што пренесува „Нујзблат“, уапсен е маж со два пиштоли – едниот во џебот, другиот во изнајмен автомобил „тесла“.

Полицијата во областа Лимбург била свесна за намерите на мажот пресретнувајќи порака од негов познаник, додава „Либр“.

Човекот е уапсен, имал два пиштоли. Сакаше да изврши напад, планираше да направи нешто што можеше да заврши многу лошо, а имаше и панцир – изјави Ерик ван дер Сипт од државното обвинителство.

Натпреварот се одржа во Адинкирк, во близина на француската граница.

На местото на изборите беа забележани голем број полицајци, а организаторите сепак решија натпреварот да се одржи, но тој почна доцна.

Белгиските медиуми јавуваат дека кај терористот биле пронајдени одредени хемикалии, но не се познати повеќе детали.