Со 5.509 новозаразени на милион жители, Србија ја надмина Црна Гора (4.976), потоа Литванија (3.783) и Велика Британија (3.552). Меѓу првите десет земји по тој параметар се уште две земји од поранешна СФРЈ – Словенија на осмото место и Хрватска на десеттото место.

Во последните седум дена, во Србија се регистрирани вкупно 47.897 нови случаи на коронавирус, а најголем број нови инфекции на седумдневно ниво во Србија е регистриран во периодот од 28 ноември до 4 декември минатата година, кога беа откриени 50.946 нови случаи.

Според последните податоци, само денеска во Србија се регистрирани 7.549 нови случаи на коронавирус, а како резултат на инфекцијата, починаа 47 пациенти или вкупно 8.234.

Здравствениот систем станува се пооптоварен, има турканици во ковид амбулантите, како и се повеќе пациенти во болниците и на апарати за дишење.

Вирусологот Тања Јовановиќ за РТС изјави дека Србија е во драматична ситуација во врска со пандемијата на коронавирус, дека во овој момент е предоцна воведувањето на ковид пропусници и дека приоритет треба да биде масовната вакцинација со прва доза.

Рестриктивни мерки, како што кажа, ќе бидат затворање на кафулиња, ресторани, освен аптеки, бензински пумпи и продавници за храна, по 17 часот, додека не се намали бројот на заразени лица.

Здружението на лекари „Обединети против Ковид“ (УПК) денеска испрати отворено писмо до властите и граѓаните на Србија, во кое презентираа конкретни чекори што треба да се преземат за затворање на сите објекти што не се неопходни на четири недели и вакцинација на сите вработени во здравствената заштита, полицијата, војската, јавните служби и санкционирање на оние кои во јавниот сектор не ја почитуваат оваа обврска.

Во соопштението, УПК посочи дека „црното ниво на затворање“, ќе значи и прекин на сите масовни собири, забрана за настани и дозволи на прослави за најмногу четири гости.

Оценувајќи дека Кризниот штаб „практично не постои, министерот за здравство и Владата не спроведуваат никакви мерки за заштита на населението“, УПК додава дека црното ниво на затворање би значело целосно затворање на сите угостителски објекти, освен испораката на домашна адреса, забрана за сите спортски активности во затворен простор и комплетна онлајн настава, освен за градинките за деца на родители од „есенцијалните занимања“.