Српскиот државјанин Љубиша Каровиќ, кој на 10 јули за малку ќе беше извлечен од авион на „Рајанер“ откако за време на летот пукна прозорец до неговото седиште, подготвува тужби против авиокомпанијата, производителот на авионот „Боинг“ и производителот на моторите, CFM International, заедничка компанија на GE Aerospace (поранешен General Electric Aviation) и францускиот Safran.
Според српските медиуми, Каровиќ и неговиот правен тим, предводен од грчки адвокат, веќе ангажирале и американска адвокатска канцеларија специјализирана за авионски несреќи. Постапките против производителите ќе се водат во Соединетите Американски Држави, додека сè уште не е познато каде ќе биде поднесена тужбата против „Рајанер“.
Инцидентот се случи на 10 јули, на летот од Солун до Меминген, Германија. Кратко по полетувањето, авионот „Боинг 737-800“ претрпел дефект на десниот мотор, при што делови од него го погодиле трупот на авионот и го скршиле прозорецот до седиштето на Каровиќ. Поради наглата декомпресија, тој бил делумно извлечен низ отворот, но бил спасен благодарение на безбедносниот појас, неговата сопруга и другите патници, кои го задржале сè додека авионот не извршил принудно слетување назад во Солун.
Истрагата за причините за несреќата сè уште трае и засега не се донесени официјални заклучоци. Во неа учествуваат американски и европски воздухопловни власти, како и претставници на производителите, а првичните информации упатуваат дека оштетувањето на прозорецот било предизвикано од делови исфрлени од моторот.
Каровиќ за медиумите изјавил дека повредите на рацете и рамената речиси целосно заздравеле, но дека и понатаму чувствува болки во вратот и се соочува со сериозни психички последици од трауматичниот настан. Според неговиот правен тим, се очекува повеќегодишна судска постапка во која ќе бара надомест за претрпените физички и психички последици.
