Авиокомпанијата „Рајанер“ соопшти дека дефект на опремата во грчкиот систем за контрола на воздушниот сообраќај, кој се случил во вторникот, на 1 септември, предизвикал сериозни нарушувања во грчкиот воздушен простор. Поради проблемот доцнеле 37 летови на ирската нискобуџетна авиокомпанија, а биле погодени речиси 7.000 патници, со доцнења до три часа.

Од „Рајанер“, која се претставува како авиокомпанија број еден во Европа, денеска ја повикаа Европската комисија итно да го реформира, како што го оценија, нефункционалниот европски систем за контрола на воздушниот сообраќај, јави дописничката на МИА од Атина.

Компанијата посочува дека ова е четврти голем дефект во Грција во последните 12 месеци. Според „Рајанер“, случајот уште еднаш го покажува, како што велат, „целосниот неуспех на грчката Влада соодветно да ја управува и финансира својата инфраструктура за контрола на воздушниот сообраќај“.

Од авиокомпанијата додаваат дека патниците и авиокомпаниите и натаму плаќаат сè повисоки такси за услугите на контролата на летањето, а за возврат добиваат услуга со сè послаб квалитет.

– Неприфатливо е патниците кои патуваат кон и од една од најфреквентните туристички дестинации во Европа и понатаму да трпат нарушувања што се повторуваат поради тоа што грчките системи за контрола на летањето се застарени, недоволно е вложено во нив и постојано откажуваат. Ситуацијата стана толку апсурдна што авиоиндустријата неодамна беше принудена да донира средства за замена на основната опрема за контрола на воздушниот сообраќај, што требаше да биде финансирана од грчката држава, соопштија од „Рајанер“.

Критики беа упатени и кон Европската комисија. Од компанијата велат дека Комисијата постојано говори за конкурентност и ефикасност, но продолжува да толерира повторливи дефекти на системите за контрола на летањето низ Европа. Според „Рајанер“, Европската комисија „мора да престане само да објавува соопштенија за јавност и конечно да спроведе реформи“.

Главниот оперативен директор на компанијата, Нил МекМахон, истакна дека Грција е една од најфреквентните дестинации во летната сезона, но дека нејзиниот систем за контрола на летањето останува, како што рече, целосно неподготвен да обезбеди стабилно и сигурно функционирање.

– Комисијата на Урсула фон дер Лајен постојано ветува конкурентност и ефикасност, но нема ништо конкурентно или ефикасно во повторените дефекти на системите за контрола на воздушниот сообраќај кои непотребно нарушуваат илјадници патувања. Европската комисија мора итно да интервенира, да спроведе реформи во неуспешниот европски систем за контрола на летањето и да ги повика одговорните на одговорност. На европските патници им е доста, порача МекМахон.