Претседателот Стево Пендаровски денеска имаше средба со генерал Ејрик Кристоферсен, началник на Генералштабот на Вооружените сили на Кралството Норвешка.
Соговорниците, како што се наведува во соопштението од Кабинетот на претседателот, разменија информации и мислења околу случувањата во Украина, двете нови кандидатури за членство во НАТО и јакнење на источното крило на Алијансата, како и за безбедносните предизвици со кои се соочува Европа. Во таа насока, претседателот посочи дека како земја-членка на НАТО, ќе продолжиме да пружаме воена, хуманитарна и дипломатска поддршка на Украина со цел прекин на руската агресија.
На средбата беше разговарано за севкупната билатерална соработка во областа на одбраната, која вклучува активности од доменот на воено-медицинска соработка, обуки и соработка помеѓу воените академии, како и за заедничкото учество и придонесот во меѓународните мировни операции.
Претседателот се заблагодарил за севкупната поддршка од Норвешка во процесот на имплементирање на НАТО стандардите и трансформацијата на нашата Армија, за помошта и донациите со цел справување со пандемијата на Ковид-19, како и за финансиската поддршка во насока на градење на демократските капацитети на земјава.
-Претседателот искажа подготвеност за натамошно унапредување на билатералната соработка во областа на одбраната и јакнење на НАТО сојузништвото во насока на исполнување на заедничките цели за колективна безбедност и мир на европскиот континент, се посочува во соопштението.
На средбата станало збор и за можностите за изведување на заеднички вежбовни активности на армискиот полигон „Криволак“.