Разговорите меѓу командантот на Генералштабот на руската армија, Валериј Герасимов и неговиот американски колега Марк Мили беа конструктивни, објави денеска руското Министерство за одбрана. Двајцата разговараа и за други прашања од заеднички интерес, иако не се откриени детали.

Русија ги смета САД за делумно одговорни за ситуацијата во Авганистан по хаотичното повлекување и преземањето на власта од страна на талибанците минатиот месец. Москва стравува од инфилтрација на нивните сојузници од Централна Азија, милитанти на Исламската држава, како и зголемена трговија со дрога во регионот.

Неколку воени вежби одржани од двете страни придонесоа за тензиите. Моментно во западниот дел на Украина се одржуваат воени вежби на НАТО, во кои учествуваат САД и останатите членки на Алијансата.

Уште една вежба наречена „Обединети сили 2021“ започна денеска во Украина, во која учествуваат војници од 11 членки на НАТО, соопшти Министерството за одбрана во Киев.

Се очекува во маневрите да учествуваат 12.500 војници, кои ќе користат повеќе од 600 парчиња воена опрема низ целата земја, и ќе траат до следниот четврток.