Првиот заменик-претседател на Владата и министер за европски прашања, Беким Сали, оствари работна средба со заменик-министерката за прашања на Европската Унија на Кралството Холандија, Хелен Бакер. Главни теми на разговорот беа евроинтегративниот процес на Македонија, динамиката на спроведувањето на клучните реформи и можностите за зајакнување на билатералната соработка.
Вицепремиерот Сали истакна дека пристапниот процес кон ЕУ треба да биде праведен, предвидлив и исклучиво заснован на заслуги, со јасни критериуми кои директно ги вреднуваат постигнатите резултати.
„Постепената интеграција треба да донесе видливи придобивки за граѓаните и стопанството, како и да поттикне дополнително забрзување на реформите на патот кон полноправно членство во Европската Унија“, нагласи Сали.
Тој изрази благодарност за континуираната холандска поддршка за европската перспектива на земјата, со посебен акцент на придонесот во зајакнувањето на владеењето на правото, реформата на административните капацитети и поддршката за демократските институции. Во тој контекст, ја истакна важноста на соработката преку холандската програма за општествена трансформација МАТРА и директната размена на експертиза меѓу институциите од двете земји.
За време на средбата, вицепремиерот го претстави и досегашниот напредок во реализацијата на Реформската агенда, како и приоритетните чекори од Планот за раст за Западен Балкан.
Двајцата соговорници го потврдија интересот за понатамошно зајакнување на институционалните капацитети, интензивирање на размената на искуства и реализација на нови заеднички проекти.
