Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска официјално ги прими акредитивните писма на новоименуваниот вонреден и ополномоштен амбасадор на Хеленската Република во земјава, Јоанис Малукос. На средбата беше искажано взаемно очекување за отворање ново поглавје во билатералните односи, засновано врз принципите на добрососедство и конструктивна политика.
Шефот на државата ја истакна Грција како важен сосед и потенцијален стратешки партнер, нагласувајќи дека Атина, како земја од регионот со најдолго искуство во Европската Унија, носи историска и политичка одговорност за евроинтеграцијата на Западен Балкан.
Во пресрет на грчкото претседавање со Советот на ЕУ во втората половина на 2027 година, Сиљановска-Давкова порача дека очекува засилен ангажман од грчка страна за исполнување на ветувањата содржани во Солунската агенда од 2003 година.
Во доменот на економијата и инфраструктурата, претседателката ги издвои Коридорот 10 и гасниот интерконектор како проекти од стратешко значење што директно придонесуваат за поголема поврзаност, економски развој и регионална енергетска безбедност. Таа ја поздрави и грчката иницијатива за впишување на регионот на Преспа во листата на светско наследство на УНЕСКО, подвлекувајќи ја неговата исклучителна природна и културна вредност.
За време на разговорот беше потенцирана и моќта на културната дипломатија, при што како позитивен пример беше посочен успехот на заедникиот грчко-бугарско-македонски проект за изведба на сценската кантата „Carmina Burana“.
Амбасадорот Малукос изрази целосна подготвеност за зајакнување на добрососедските односи преку конструктивен политички дијалог и доследно почитување на меѓународното право. Тој најави силна грчка поддршка за македонскиот пат кон ЕУ, потврдувајќи дека проширувањето на Унијата со земјите од регионот ќе биде главен приоритет на грчката агенда за време на претседавањето во 2027 година. Притоа, тој го оцени присуството на грчките компании во земјава како значаен економски мост меѓу двете држави.
На крајот од средбата, Сиљановска-Давкова упати срдечни поздрави до грчкиот претседател Константинос Тасулас и до грчкиот народ, а на амбасадорот Малукос му посака добро здравје и успешна дипломатска мисија.
