Пратениците на српскиот парламент ја продолжија седницата на чиј дневен ред е Извештајот за преговарачкиот процес со привремените институции на самоуправа во Приштина, кој пред пратениците го презентираше претседателот на Србија Александар Вучиќ. На вчерашната дебата, Вучиќ зборуваше за француско- германскиот предлог и изјави дека Србија ќе продолжи да преговара за секој, дури и најлош, предлог за Косово бидејќи не смее да ги повтори лошите искуства од минатото.

Вучиќ во парламентот презентираше десет точки со кои ќе се менаџира во наредниот период, а не сите се однесуваат на Косово, туку и на развојот на Србија воопшто. Во текот на расправата дојде до инцидент и краток прекин во работата, кога пратениците од опозицијата станаа и се упатија кон претседавачката маса тврдејќи дека им е ускратено правото да одговорат. Претседателот на Собранието, Владимир Орлиќ, тоа го окарактеризира како „напад врз претседателот на државата“, а дошло до пресметка меѓу членовите на власта и дел од опозицијата. На седницата и денеска присуствува Вучиќ.