– Согласно член 35 од ОКД за приватниот сектор од областа на стопанството регресот за годишен одмор се исплаќа во висина од најмалку 40 проценти од основицата, под услов работникот да работел најмалку шест месеци во календарската година кај ист работодавец, се вели во соопштението.

Од Сојузот на синдикати потсетуваат дека основицата за пресметување на надоместоците на работниците претставува просечната месечна нето-плата по работник во Република Македонија исплатена во последните три месеци.

– Со колективен договор на ниво на дејност или колективен договор на ниво на работодавец може да се утврди регрес за годишен одмор во поголем износ од износот утврден со овој колективен договор. Регресот за годишен одмор се исплатува еднаш во текот на годината, а износот се утврдува според основицата која важи на денот на донесувањето на одлуката за исплата, велат од ССМ.

Сојузот на синдикати апелира до работодавците во јавниот и приватен сектор каде што ова работничко право е уредено со колективен договор да го исполнат во најскоро време, имајќи предвид дека нема никакви законски ограничувања и истото претставува уредено право согласно со Закон и Колективен договор и претставува редовна исплата.

– На работниците на кои нема да им биде исплатен регресот за годишен одмор им укажуваме дека можат да побараат интервенција преку новата мобилна апликација ССМ – мои работнички права за да можеме да интервенираме до Државниот инспекторат за труд, или пак да започнат судска постапка за заштита на своите права, додаваат од ССМ.

Потсетуваат дека за неодговорните работодавци кои не исплаќаат регрес за годишен одмор или бараат од работниците да ги вратат исплатените средства по овој основ, Кривичниот закон предвидува затворската казна до една година.

Оваа законска обврска, од ССМ велат дека дополнително придонесува за заштита и остварување на ова уставно и законско право на работниците според Закон за изменување и дополнување на Кривичниот законик, а за минатата година веќе се поднесени неколку кривични пријави од страна на ССМ.