Под мотото „Работниците се државата“ Советот на Сојузот на синдикатите на Македонија по предлог на Претседателството на ССМ едногласно донесе Одлука да организира протест за 1 мај на Меѓународниот ден на труд.

– Се обраќаме до нашите братски синдикати, до сите работници и граѓани, пензионери, стечајни работници, невработени и студенти на оваа држава, крајно време е да ни се придружат и да ни дадат поддршка, односно безрезервно да ни се приклучат во сите активности што на овој план ќе ги преземеме во наредниот период. Недозволиво е во Македонија функционерите да добијат 78 отсто покачување на платите, а работниците 0 проценти, се наведува во денешното соопштение од ССМ.

Од ССМ посочуваат дека е недозволиво вработените во јавниот сектор да немаат право на регрес за годишен одмор како нивните колеги и колешки во приватниот сектор.

-Недозволиво е да биде погазено работничкото достоинство и правото на пристојно работно време како цивилилзациска придобивка, со воведување на 60 часовна работна недела заради исполнување на желбите на газди, функционери и поединци, велат од ССМ и додаваат дека синдикалците се денес, на 1 мај ќе бидат и во наредниот период ќе излегуваат на улица на протест да го изразат работничкото незадоволство, а работниците и граѓаните заедно со нив потребно е да го изразат нивното незадоволство.

Од ССМ најавуваат дека протестот започнува на 1 мај 2023 година во 12:00 часот пред зградата на Сојузот на синдикатите на Македонија во Скопје.

-Борбата е заедничка на сите, излези со работниците денес, зошто утре ќе биде доцна! Да живее достоинството на трудот! Заедно сите, се наведува во соопштението од Сојузот на синдикатите на Македонија.