Банкарскиот систем во Македонија е стабилен, а надлежните институции ги преземаат сите неопходни мерки за заштита на штедачите, инвеститорите и граѓаните, истакнуваат од партијата ВМРО-ДПМНЕ.
Од партијата упатија директни обвинувања до поранешната министерка за финансии Нина Ангеловска дека непосредно пред затворањето на Еуростандард банка ги повлекла сопствените средства, додека штедачите останале без своите заштеди. Во соопштението се наведува дека станува збор за сума од 250.000 евра, како и дека банката со години одобрувала ризични кредити без соодветно покритие.
„Заврши времето на СДС кога пропаѓаа банки, како Еуростандард банка, а најодговорните наместо да ги штитат интересите и парите на граѓаните, работеа за сопствени интереси. Таков е примерот на тогашната министерка за финансии од редовите на СДС, Нина Ангеловска која требаше да го штити капиталот на граѓаните, штедачите и инвеститорите, гледаше да си ги спаси само своите пари. Така, располагајќи со информации кои и го дозволуваше позицијата министер за финансии, Ангеловска неколку дена пред да пропадне Еуростандард банка во 2020 година, си ги повлече своите 250 илјади евра, додека заштедите на граѓаните пропаднаа заедно со банката. И да не заборавиме како банката дојде до неликвидна ситуација. Долго време на компании одобрувала ризични кредити без соодветно покритие, меѓу кои и 29 струмички меѓу кои имало и фирми блиски до Заеви. Дел од нив освен што зеле кредити без соодветно покритие, истите и не ни ги враќале на банката“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Од владејачката партија тврдат дека тогашните институции воопшто не реагирале навреме со цел да ги заштитат парите на граѓаните, посочувајќи дека главен интерес од таквото работење имале фирмите на семејството Заеви и лицата блиски до нив, додека Ангеловска успеала навреме да ги спаси личните финансии.
Во завршниот дел од соопштението се подвлекува моменталната состојба во банкарскиот сектор, при што се потенцира дека сегашните институции работат одговорно и исклучиво во јавен интерес, за разлика од минатите практики кога функционери си ги спасуваа парите непосредно пред стечај на финансиски институции.
