И покрај врнежите од дожд и снег кои ја зафатија нашата земја и кичевско-бродскиот регион последната седмица, сепак тоа не придонесе водотеците да го зголемат нивото, тоа најмногу се однесува на главниот колектор од овој регион,река Треска. Потврда за стагнацијата на река Треска е нивото измерено денес од 46 сантиметри, која во овој период редовно имала повисок водостој.

-Снегот и дождот кои го зафатија нашиот регион оваа седмица, не придонесоа водотеците да пораснат. Така на река Треска денес е измерен водостој од 46 сантиметри, што е под нивото од повеќегодишниот просек. Се чини дека снежните врнежи беа недоволни да ја подобрат хидролошката состојба, а и студеното време кое владее во нашиот регион не придонесува да се стопи снегот а со тоа и нивото на река Треска да порасне од сегашните 46 сантиметри, вели Миле Стојкоски од РЦУК Македонски Брод.

Тој очекува да се остварат најавите на метеоролозите во долгорочната прогноза, кога се најавуваат пообилни врнежи од дожд.

-Иако моменталната состојба со водостојот на река Треска не е многу поволен, сепак од долгорочните прогнози на метеоролозите кои во наредните месец-два предвидуваат поинтензивни врнежи од дожд, тоа секако ќе придонесе водостојот на Треска да се зголеми и да имаме поповолна хидролошка година, додаде Стојкоски и посочи дека и топењето на снегот од повисиките планини ќе ја подобри хидрологијата.

-За пораст на водотеците во овој регион ќе придонесе и наредниот период, кога температурите ќе пораснат што ќе придонесе снегот да почне да се топи и од повисокоите врвови кои зимава обилуваат со снежна покривка.

Без поволен водостој на Треска вештачката акумулација Козјак ќе остане без вода како што тоа се случи последните неколку години, кога големината на езерото се намали за 50 проценти.