Во Македонија е регистриран првиот смртен случај од западнонилска треска годинава. Станува збор за 83-годишен маж од Скопје, кој бил лекуван на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби.
Според Институтот за јавно здравје, кај пациентот симптомите започнале на 2 август со покачена температура, треска, главоболка, општа слабост, болки во зглобовите и мускулите, вкочанетост на вратот и нарушена свест.
Кај него била дијагностицирана и клиничка слика на менингитис, а дополнително биле присутни и други здравствени состојби.
Присуството на вирусот на западнонилска треска било потврдено со серолошко испитување на ликворот.
