Екстремно ниските нивоа на водата на Дунав и Рајна предизвикуваат сериозни проблеми во речниот сообраќај низ централна Европа. Високите температури и недостигот од врнежи значително ја отежнаа пловидбата на двете најважни европски реки за товарен и туристички транспорт, објави Euractiv.

Дунав, меѓународната река што претставува една од клучните транспортни артерии на континентот, достигна рекордно ниски водостои како последица на топлотниот бран и сушата што ја зафатија Европа. Падот на нивото на реката веќе со недели создава проблеми за пловидбата.

Поради состојбата, унгарскиот оператор MAHART PassNave претходно овој месец ги суспендираше повеќето фериботски линии меѓу Будимпешта и околните градови. Во меѓувреме, неколку крузери беа принудени да се закотват во северниот унгарски град Комаром, па патниците последните 90 километри до Будимпешта ги продолжија со автобус.

Во вторникот вечерта нивото на Дунав во Будимпешта изнесувало само 27 сантиметри, што е најниска измерена вредност за овој период од годината. Тоа е за шест сантиметри пониско од претходниот рекорд поставен во 2018 година.

Официјалните мерења, сепак, не ја прикажуваат реалната длабочина на реката, која зависи и од конфигурацијата на речното корито, а не само од висината на водната површина.

Богларка Гнандт од Унгарската хидролошка служба за прогнозирање (OVF) за EurActiv објасни дека нивото на реката се мери во однос на историска референтна точка поставена под најниското забележано ниво во минатото.

Според неа, минималната длабочина потребна за безбедна пловидба е 2,7 метри. Таа посочи дека картите покажуваат оти таква длабочина повеќе не постои на клучните делови од главниот пловен канал северно и јужно од Будимпешта.

Унгарското Министерство за транспорт и инвестиции во вторник соопшти дека околу 15 хотелски бродови останале заглавени на унгарскиот дел од Дунав, додека најголемиот дел од товарните бродови ги прекинале своите патувања поради рекордно нискиот водостој, јави MTI.

Ниското ниво на водата, кое влијае на целиот пловен тек на Дунав долг 2.412 километри, ги принудува големите бродови да пловат со само 10 сантиметри простор меѓу трупот и речното корито. Поради тоа тие можат да превезуваат значително помалку товар и патници, пренесе MTI.

Недостигот од значителни врнежи во сливовите на Дунав и Тиса, заедно со новиот топлотен бран, дополнително ја влошува ситуацијата, при што нивото на реките стагнира или продолжува да опаѓа.

Слични проблеми има и на Рајна, втората најдолга река во централна и западна Европа. И таму нивото на водата нагло се намали во последните недели, што го нарушува транспортот по една од најважните европски рути за превоз на железна руда, јаглен, жито и особено нафта, објави Euractiv.

На мерната станица Кауб, меѓу Франкфурт и Бон, нивото на Рајна во вторник напладне изнесувало 27 сантиметри, само два сантиметри над најниската досега забележана вредност, иако подоцна во текот на денот се очекувало мало покачување.

Бродскиот канал кај ова клучно тесно грло бил длабок околу 140 сантиметри, што било недоволно за повеќето товарни баржи да пловат со полн товар. И покрај тоа што во последните недели превезувале помали количества стока, трошоците за транспорт дополнително се зголемиле.

Од германското Министерство за економија изразија надеж дека сушата нема да има толку сериозни последици како во 2018 и 2022 година, кога превозот по Рајна беше значително нарушен. Според министерството, многу компании во меѓувреме почнале да користат бродови со помал влечен волумен.

„Како резултат на тоа, негативните ефекти веројатно ќе бидат помалку сериозни отколку во претходните години“, изјави претставник на германското Министерство за економија за Euractiv.