Целта на овој текст е да се именуваат надлежните државни институци за справување со пожарите во Република Македонија. Кога се работи за шумски пожари, надлежност за справување со истите е на Јавното претпријатие „Македонски шуми“, пишува Димовски.
Во продолжение неговиот став
Согласно Законот за шумите донесен е и сеуште е важечки „Правилникот за посебни мерки за заштита на шумите од пожари“. Според истиот сите 30 подружници на ЈП „Македонски шуми“ потребно е да донесат годишен План за заштита на шумите со кои стопанисува подружницата. Во тој план од вработените се формираат мобилни групи кои ја следат состојбата со шумски пожари и сопствени сили од сите вработени (од портир до директор) за гаснење на шумски пожари и основни средства за гаснење на шумски пожари (лопати, гребла, секири, моторни пили, напртњачи за вода теренски возила и др.).
Во случај на појава ва шумски пожари со поголема опожарена површина, според истиот Правилник, се формираат регионални сили од две и повеќе подружници на ЈП „Македонски шуми“.
Доколку и ваквите сили не можат да се справат тогаш се вклучува Дирекцијата за заштита и спасување со сопствени сили и средства, која е клучен субјект во борбата со пожарите на отворен простор (шумски пожари, пожари на зејоделско земјиште и други отворени простори), според Законот за пожарникарство.
Дирекцијата за заштита и спасување е „правен“ следбеник на
„Територијалната одбрана“ и „Цивилната заштита“ од претходниот систем, со наследени магацини со опрема, униформи, возила (теренски и транспортни) како и луѓе во редовен и резервен состав. Истата во ваква ситуација треба до го мобилизира редовниот и резервниот состав и да интервенира на загрозени терени од пожари на отворен простор.
Посебно сакам да потенцирам дека и воздухопловите Ер-трактори кои се специјализирани исклучиви за гасење на пожари на отворен простор се во надлежност на оваа дирекција.
Зошто денес не се во функција овие специјализирани летала, тоа е резултат на немањето законска процедура за нивно полетување и непланско користење на истите, со злоупотреби на Директорот на дирекцијата.
Каква е денес состојбата во оваа дирекција, состојбата со материјалните сретства и магацините, состојбата со Ер-тракторите тоа треба да се преиспита и да се превземат соодветни мерки, но да не се чека, директорот според своите надлежности, да ги мобилизира редовниот и резервниот состав и да ги упати на загрозените локации.
Доколку и покрај ангажирањето на силите на ЈП „Македонски шуми“ и силите на Дирекцијата за заштита и спасување истите не можат да се справат со пожарите на отворен простор, тогаш се ангажира и Армијата на Република Македонија.
За апсурдот да биде поголем го гледаме и слушаме тнр. Директор на Центарот за управување со кризи со смешни изјави за вака комплексна ситуација, секако резултат на незнаење на неговите права и одговорности бидејки оваа институција нема ниту основни средства ниту сили за интервенција, а се вклучува во случај на прогласена вонредна состојба.
Ангелов ги превзема ингеренциите на ДЗС и ја комплицира и така комплицираната ситуација на терен.
Ангажирањето на леталата – хелихоптерите со ведра во гаснење на пожари на отворен простор се според одредени постапки, кои мораше да се испочитуваат и да се испратат на интервенција во Кочани.
Како добар пример за правовремена интервенција на хелихоптерите со ведра во гаснење на пожари само ќе го наведам примерот со гаснење на пожарот во манастирот Свети Јован Бигорски за време на претходната Влада, која знаеше како да се справи во исклучителни сложени ситуации на природни катастрофи.
Тоа треба на сите да им е јасно. И повеќе од јасно!
Ангажирањето на Територијалните противпожарни единици во гасење на пожари на отворен простор не е продуктивно бидејки истите ги трошат своите ресурси на несоодветен начин, а истите се обучени за справување со урбани пожари.
Во оваа прилика сметам дека е доволно со едукацијата на тие кои денес за жал се најповикани за сигурноста и безбедноста на сите во државата, но кои се и најнесовесни и најнеодговорни кон граѓаните на Република Македонија.
Токму заради нив станавме предмет за регионален потсмев и глобален презир.