Британскиот премиер Кир Стармер би можел да претстави план за повлекување од функцијата, пишува „Би-би-си“, повикувајќи се на сè посилни сигнали од владините кругови. Неколку извори сметаат дека тој би можел уште утре да објави временска рамка за заминување.
Сер Кир Стармер досега постојано инсистираше дека нема да се повлече и дека ќе се бори против секој обид за негово сменување од лидерската позиција. Но, според „Би-би-си“, расположението во владата се променило во последните 48 часа.
Јасни знаци дека работите се движат брзо се видоа и во изјавата на министерот за бизнис Питер Кајл, кој утрово за „Би-би-си“ рече дека премиерот ќе го направи „она што е во најдобар интерес на земјата“.
Кајл додаде дека Стармер размислува за предизвиците со кои се соочува и за политичката реалност.
Предизвиците за британскиот премиер постепено се зголемуваат подолго време. Поранешен висок државен службеник предупреди дека неизвесноста околу лидерството е „исклучително нарушувачка“.
Пратеници од Лабуристичката партија тврдат дека проблемот не е нужно во партијата, туку во човекот што ја води. Според нив, Стармер лично е непопуларен и токму тој ја влече партијата надолу.
Резултатот од дополнителните избори во Мејкерфилд, според многумина, може да биде капката што ја прелеа чашата. Убедливата победа на Енди Барнам во оваа изборна единица во областа Виган, во Голем Манчестер, дополнително го засили притисокот врз Стармер.
Барнам, досегашен градоначалник на Голем Манчестер и поранешен министер во лабуристичките влади, со победата се враќа во британскиот парламент како пратеник. За дел од лабуристите, неговиот успех против кандидатот на „Реформ УК“ е доказ дека тој може поефикасно да ѝ се спротивстави на партијата на Најџел Фараж.
Во Лабуристичката партија веќе подолго време расте незадоволството од Стармер, а бројот на пратеници што сметаат дека треба да се повлече се зголемил по изборниот пораз.
Особено значајно е што и високи министри, меѓу кои Ивет Купер, Шабана Махмуд и Хајди Александер, приватно му порачале дека треба да замине, но сепак останале во Владата. Според извори во партијата, тоа покажува колку е ослабен неговиот авторитет.
Барнам сега важи за главен фаворит за следен британски премиер, но сè уште е неизвесно дали ќе има вистинска лидерска трка.
Вес Стритинг и понатаму се споменува како можен кандидат, иако неговите сојузници навестуваат дека може да има договор меѓу потенцијалните наследници.
Отворено останува и прашањето кога би се случила транзицијата. Дел од поддржувачите на Барнам сакаат таа да биде околу партиската конференција во септември, додека други предупредуваат дека долг вакуум би ја парализирал Владата.
