Британскиот премиер Кир Стармер денеска престојува во последна официјална посета на Украина пред да ја напушти функцијата, при што порача дека поддршката на Обединетото Кралство за Киев ќе продолжи и во иднина.
За време на посетата на Киев, Стармер се сретна со украинскиот претседател Володимир Зеленски. Средбата се одржува пред изборот на Енди Барнам за нов лидер на Лабуристичката партија и иден британски премиер.
Стармер: Украинската истрајност ја зачува безбедноста на Европа
Во изјавата објавена пред посетата, Стармер оцени дека истрајноста на украинскиот народ по почетокот на целосната руска инвазија во февруари 2022 година придонела за зачувување на безбедноста на Европа.
Тој потсети на придонесот на Велика Британија во украинската одбрана во текот на неговиот двегодишен мандат на чело на британската Влада.
Стармер нагласи дека, кога ја презел премиерската функција, бил свесен оти Обединетото Кралство не треба само да застане покрај Украина во моментите на криза, туку и да помогне во создавањето услови за нејзината долгорочна безбедност и успех.
Потпишано стогодишно стратешко партнерство
Во текот на неговиот мандат беше потпишано стогодишно стратешко партнерство меѓу Велика Британија и Украина, насочено кон продлабочување на одбранбената и економската соработка.
Лондон беше и меѓу иницијаторите за формирање идна меѓународна мировна мисија. Стармер истакна дека Велика Британија значително ги зголемила инвестициите во одбраната и дека има водечка улога во развојот на нови воени технологии.
Според него, на неодамнешните самити на Г7 и НАТО било покажано дека Обединетото Кралство и неговите сојузници остануваат целосно обединети против руската агресија.
На самитот на НАТО во Турција, Зеленски побара од сојузниците да го зајакнат украинскиот систем за противвоздушна одбрана поради засилените руски напади. Американскиот претседател Доналд Трамп подоцна даде дозвола Украина да произведува ракети „Патриот“, кои треба да помогнат во одбраната од руските балистички ракети.
Првите од вкупно 150 артилериски цевки произведени во Велика Британија веќе се испорачуваат во Украина, во рамките на договор вреден 61 милион фунти со компанијата „БАЕ системс“.
Посетата се одржува во услови на нови руски напади
Стармер изјави дека е горд на придонесот на Велика Британија и порача дека работата ќе продолжи, а британската поддршка за Украина ќе остане трајна и „цврста како челик“.
Неговата посета се одржува во период кога Русија продолжува со нападите врз пристанишниот град Одеса. Кремљ соопшти дека била погодена пристанишна инфраструктура која, според Москва, се користела за истовар на нафта и нафтени деривати.
Во нападите врз нафтени танкери во Црното Море загинаа осум лица.
За време на последното обраќање на седницата за пратенички прашања во Долниот дом на британскиот Парламент, Стармер доби пофалби од лидерката на Конзервативната партија, Кеми Бејденок, за неговата политика кон Украина и блиските односи со Зеленски.
Простувајќи се од пратениците, Стармер се потсети на моментот кога го пречекал Зеленски во Даунинг стрит, по неговата расправија со американскиот претседател Доналд Трамп во Белата куќа во февруари 2025 година.
Тој тогаш му порачал на Зеленски дека Велика Британија ќе остане покрај него и покрај Украина.
Според најавите, Енди Барнам в петок треба да стане лидер на Лабуристичката партија, додека премиерската функција официјално треба да ја преземе в понеделник.
