Нови линии од Скопје и Охрид
Викендов стапува во сила зимскиот распоред на летови за сезоната 2025/26 година. Од Меѓународниот аеродром во Скопје ќе има летови до 49 редовни дестинации што ќе ги опслужуваат 17 авиокомпании, како и 13 чартер дестинации со една авиокомпанија. Од охридскиот аеродром „Св. Апостол Павле“ ќе се реализираат летови до пет дестинации со три авиокомпании, информираа од ТАВ Македонија, концесионерот на двата аеродрома.
Десет нови авиолинии во зимската сезона
Во текот на зимата ќе бидат воведени десет нови дестинации, од кои девет се поддржани со субвенции од Владата и ќе ги опслужува „Виз Ер“. Од Скопје ќе почнат летови до Бари и Стокхолм, а од Охрид до Базел на 27 октомври. Ден подоцна, Скопје првпат ќе биде поврзано со Мадрид, а ќе се врати и линијата до Ларнака. На 15 декември следуваат новите линии до Прага и Келн. Од 30 март 2026 година, се додаваат уште три дестинации – Будимпешта, Неапол и Милано, додека „ИзиЏет“ на 3 ноември ќе ја врати рутата до Женева.
Планови за нови пазари и договор со Велика Британија
ТАВ Македонија најавува дека се во тек разговори со авиокомпании за воспоставување линии до Данска, Финска и земјите од Блискиот Исток, а во иднина фокусот ќе биде ставен на поголема поврзаност со Шпанија и Обединетото Кралство. Нови можности се отвораат и со Договорот за редовен воздушен сообраќај со Велика Британија, потпишан на 23 октомври во Лондон од вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски и британскиот министер за воздухопловство, поморство и декарбонизација Киер Метер.
