Поранешниот директор на Царинската управа, Стефан Богоев, е меѓу четирите лица опфатени во денешната акција на Управата за финансиска полиција, спроведена во координација со Основното јавно обвинителство. Според неофицијални информации, Богоев е приведен.
Акцијата се однесува на сомнежи за злоупотреби и незаконитости поврзани со тендерска постапка, односно јавна набавка поврзана со Царинската управа. Богоев е поранешен потпретседател на СДСМ и ексградоначалник на Општина Карпош.
Според првичните информации, меѓу лицата опфатени со акцијата е и Александар Спирковски, познат како Џемо, со живеалиште во Прилеп. Осомничените се товарат за злоупотреби, финансиски малверзации и сомнежи за незаконитости во постапка за јавна набавка.
Надлежните институции засега не соопштуваат повеќе детали за предметот. Во текот на денот се очекуваат официјални информации од Управата за финансиска полиција и од Основното јавно обвинителство за конкретните сомнежи, за опфатот на истрагата и за тоа какви мерки ќе бидат преземени против осомничените.
