Украинскиот територијален интегритет никогаш нема да биде предмет на преговори со Русија, предупреди претседателот на украинската Врховна Рада (парламент), Руслан Стефанчук, во говорот што го одржа во Европскиот парламент за време на посетата на Стразбур.

-Предмет на преговорите никогаш нема да биде прашањето за украинскиот суверенитет, независност и територијален интегритет. Украина е целосна, суверена земја и ќе остане таква бидејќи е призната како таква од целиот цивилизиран свет, изјави Стефанчук за Еуроњуз.

Шефот на украинскиот Парламент изјави дека има простор за преговори и дипломатија, но дека мора да се сфати дека со секој Ирпин, Буча и Мариупол просторот е се помал. Се погласни се шпекулациите за тоа какви отстапки би можела да бара Русија за да се постигне примирје и да се запре агресијата против Украина.

Стефанчук истакна дека војната ќе заврши со победа на Украина и на цела Европа. Рече дека не знае кога ќе биде тоа, но дека е сигурен дека заедничката победа секој ден е се поблиску.

-Украинците сакаат да бидат обединети и сакаат да бидат во Европа. Тие сакаат да живеат со слободни земји, а не во Советскиот Сојуз 2.0, рече Стефанчук, кој побара Украина да добие кандидатски статус за членство во ЕУ. Киев смета дека тоа е важно за зајакнување на моралот на луѓето.

Доколку земјите-членки едногласно се согласат за статусот, Украина официјално ќе почне долгиот, сложен и скап процес на пристапување во ЕУ. Неколку членки тврдат дека пристапувањето не е соодветно решение за актуелната криза.