Градоначалникот Бобан Стефковски информираше дека денеска се одржала седница на Локалниот совет за превенција во проширен состав, на која главна тема биле безбедноста во училиштата, превенцијата од меѓуврсничко насилство и подобрувањето на сигурноста во воспитно-образовниот процес.
Седницата свикана по инцидентот во Ченто
Седницата била организирана по неодамнешниот инцидент во основното училиште во населбата Ченто. Од Локалниот совет за превенција најостро го осудиле секој вид насилство, посочувајќи дека насилството е неприфатливо и дека за него нема оправдување.
„Истовремено, на седницата беше констатирано дека станува збор за изолиран случај и дека генералната безбедносна состојба во училиштата на територијата на Општина Гази Баба, вклучително и во конкретното училиште, е на високо ниво“, соопшти Стефковски.
Ќе се организираат нови превентивни активности
Според најавите, Локалниот совет за превенција при Општина Гази Баба и во наредниот период ќе продолжи со активности насочени кон заштита на учениците и создавање безбедна училишна средина.
Планирани се јавни дебати, едукативни настани и превентивни кампањи со цел подигање на јавната свест и создавање сигурна и здрава средина за децата и младите.
