Градоначалникот на општина Гази Баба Бобан Стефковски присуствуваше на одбележувањето на 11 годишнината од загинувањето на хероите во Диво Насеље Куманово.

-Со длабока тага, болка и неизмерна почит денес се сеќаваме на 9 и 10 Мај 2015 година — денови кога Македонија беше завиена во црно, а осум македонски херои ги положија своите животи бранејќи ја татковината, наведе градоначалникот Стефковски.

Горан Стојменовиќ, Љубиша Аранѓеловиќ, Бобан Ивановиќ, Горан Илијевски, Жарко Кузмановски, Исамедин Османи, Сашо Самојловски и Ненад Серафимовски не беа само припадници на безбедносните сили. Тие беа синови на Македонија. Луѓе со срце, соништа, семејства и љубов кон својата земја, објави Стефковски на својот фејсбук профил.

Стевковски додаде дека тие ја облекоа униформата со чест, достоинство и вера дека Македонија мора да остане мирна, безбедна и слободна. Во миговите кога татковината ги повика, тие не се повлекоа. Застанаа исправено, храбро и достоинствено — и ја платија највисоката цена за Македонија.

-Денес, 11 години подоцна, болката сè уште живее во срцата на нивните семејства, пријатели и целиот македонски народ. Времето не ја брише тагата, но уште повеќе ја зацврстува нашата обврска никогаш да не ги заборавиме, нотира во објавата Стефковски.

Светост е да се брани татковината. Светост е да се даде животот за својот народ и својата држава. Нивната жртва не е само спомен на една трагедија — таа е вечен симбол на храброст, пожртвуваност и бескрајна љубов кон Македонија. На овие херои им должиме почит, сеќавање и вечна благодарност. Им должиме Македонија која ќе биде достоинствена за нивната жртва. Македонија која ќе ги чува своите херои во срцето, во историјата и во душата на народот, потенцира во објавата Стевковски.

„Нека нивните имиња бидат вечен аманет.
Нека нивната храброст биде патоказ за идните генерации.
Нека нивната жртва никогаш не биде заборавена.
Вечна слава на хероите од Диво Насеље!
Македонија не заборава“, додаде тој.