Стефковски истакна дека во периодот откако стапил на функцијата градоначалник, тој и неговиот тим започнале интензивно да се грижат за она што претставувало најгорлив проблем за жителите на Гази Баба, а тоа е подигнување на комуналната хигиена и чистота во општината.

– Во изминатиов период подигнавме повеќе од 16 диви депонии на територијата на општина Гази Баба, започнавме со чистење на сите плоштади, улици во сите населени места. Паралелно со тоа започнавме и со неколку капитални проекти, односно после повеќе од педесеттина години во населеното место Страчинци започнавме со изградба на фекална канализација. Понатаму, започнавме втора фаза изградба на фекална канализација во населеното место Гоце Делчев, исто така поднесовме апликација за финансиска поддршка за изградба на детска градинка во населба Керамидница. Тие се едни од приоритетите кои што ги ветивме пред граѓаните и навистина уште од самиот почеток сакаме да покажеме дека она што сме го ветиле планираме уште од првиот ден да го реализираме. Сакаме да ја смениме онаа слика на политичарот каде што сите функционираат пред избори, наша цел и моја заложба е да се почувствува прогресот во сите 4 години, рече Стефковски.

На прашањето за најавената изградба на фабрика за тешка загадувачка индустрија против која протестирале повеќе здруженија на граѓани, Стефковски рече дека граѓаните со право го кренале гласот и дека веднаш по доаѓањето на функцијата градоначалник извршил ревизија на проектот за отворање на фабрика за хемиски отпад и донесол решение со кое е стопирана таа изградба на фабрика.

Порача граѓаните да бидат спокојни и сѐ додека е тој градоначалник нема да дозволи отворање на нови капацитети за загадувачка индустрија.