Толеранцијата за корупција во општина Гази Баба нема да има за никого. Затоа ги охрабрувам сите граѓани доколку се соочат со корупција тоа да го пријават и на посочените телефонски броеви, и на службеникот во Општината меѓутоа тоа исто така да го пријават и до надлежните институции, истакна Бобан Стефковски, градоначалник на општина Гази Баба во интервју за утринска емисија на Канал 5 телевизија.

Стефковски додаде дека главен проблем за граѓаните е недостатокот на паркинзи, и на тоа сега се фокусира општината за да се реши овој проблем.

„Соочени сме дека во урбаниот дел главен проблем на граѓаните е сообраќајниот хаос и недостатокот на нови паркинг места. За таа цел изминатиов период заедно со директорот на ЈП Градски Паркинг излеговме на терен и формиравме работни групи кои веќе работат на решение на овој проблем. А, потоа решенијата ќе бидат дадени на јавна анкета се со цел граѓаните да го дадат своето мислење и да кажат што навистина сакаат во своите населби. И дополнително изработивме идејни решенија за два монтажни паркинзи конкретно за Автокоманда и истото тоа ќе биде во наредниот период преточено кај граѓаните за да го кажат своето мислење“, појасни Стефковски.

Стефковски нагласи дека се работи интензивно на решавање на проблемот со недостатокот на паркинг места и сообраќајниот хаос.

„За таа цел во повеќето урбани населени места во наредниот период ќе бидат изградени нови паркинг постави“, рече Стефковски.

Стефковски посочи дека периодот што следи ќе има градежна офанзива во општина Гази Баба и ќе се реконструираат голем број на улици во повеќето населени места. А, паралелно се работи на продолжување на изградбата на фекалните канализациони системи.