Суспендирано издавањето визи за ризични апликанти

Стејт департментот на САД објави дека го суспендира процесирањето на имигрантските визи за 75 земји, меѓу кои се и Албанија, Црна Гора, Македонија и Босна. Целта е да се спречи издавање визи на апликанти кои би можеле да се потпираат на јавни средства, објаснуваат од американската администрација.

Во ноември 2025 година, Стејт департментот испрати официјална депеша до своите дипломатски и конзуларни мисии низ светот со нови упатства за проверка на апликантите според одредбата за „јавен товар“ од Законот за имиграција. Конзуларните службеници треба да проценат кои лица би можеле да користат државни бенефиции и врз основа на тоа да одлучат за издавање на визата.

Новите инструкции наведуваат дека при оценката се земаат предвид здравствената состојба, возраста, познавањето на англискиот јазик, финансиската ситуација и можната потреба од долгорочна медицинска нега. Особено внимание ќе се обрне на постарите апликанти и на оние кои претходно користеле државна помош или биле институционализирани.

Иако одредбата за „јавен товар“ постои со децении, досега нејзината примена варирала и службениците имале голема дискреција. Исклучоците од новата суспензија ќе бидат многу ограничени и ќе се одобрени само по детална проценка на јавниот товар.

Целосниот список на земји на кои им се суспендираат имигрантските визи вклучува: Авганистан, Албанија, Алжир, Антигва и Барбуда, Ерменија, Азербејџан, Бахами, Бангладеш, Барбадос, Белорусија, Белизе, Бутан, Босна, Бразил, Бурма, Камбоџа, Камерун, Зелен ’Рт, Колумбија, Брегот на Слоновата Коска, Куба, Демократска Република Конго, Доминика, Египет, Еритреја, Етиопија, Фиџи, Гамбија, Грузија, Гана, Гренада, Гватемала, Гвинеја, Хаити, Иран, Ирак, Јамајка, Јордан, Казахстан, Косово, Кувајт, Киргистан, Лаос, Либан, Либерија, Либија, Македонија, Молдавија, Монголија, Црна Гора, Мароко, Непал, Никарагва, Нигерија, Пакистан, Република Конго, Русија, Руанда, Свети Китс и Невис, Света Луција, Свети Винсент и Гренадини, Сенегал, Сиера Леоне, Сомалија, Јужен Судан, Судан, Сирија, Танзанија, Тајланд, Того, Тунис, Уганда, Уругвај, Узбекистан и Јемен.