Почитуван дополнителен заменик министер за внатрешни работи, Митко Бојмацалиев, дури ни во последните денови од Вашето владеење, не можете да излезете од криминалната матрица базирана исклучиво на личен интерес, се вели во Фејсбук статусот на пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојаноски.

Наместо да работите и да размислувате за решение на проблемот со пасошите или со организирање на фер и демократски избори, покрај пречекувањето на пасоши, Вие се занимавате со Закон за кој што токму Вие и свитата околу Оливер Спасовски имате личен интерес. Ова е само уште еден Ваш очајнички обид во заминување со кој што покажувате дека примарна цел и приоритет Ви е лична корист, а не решавање на реалните проблеми на сите припадници на МВР. Како и за многу работи досега, криејќи се зад чесните полициски службеници кои навистина заслужуваат да им биде решен статусот е вашиот личен интерес и интересот на малкумина на кои изминатите години лично Спасовски како министер без никаков услов им доделил службени станови, истакнува Стојаноски.

Господине Бојмацалиев, неколку прашања до Вас на кои се надевам дека ќе имате доблест да одговорите:

Во МВР има 12.000 вработени. Со Вашиот Предлог на Закон ќе се решат околу 30-мина од нив.

– Може ли да ги објавите имињата на тие кои со овој Закон ќе добијат можност да ги откупат становите?

– Колкумина од овие ‘’повластени добитници’’ се полициски функционери кои извршувале високи полициски функции во времето на Оливер Спасовски?

– Дали и Вие како некој што поседува решение за користење на службен стан со овој Закон ќе се стекнете со законска можност истиот да го откупите?

Стојаноски вели дека овој закон е директен приказ и огледало на Вашите карактери. Менаџирањето на ова прашање во изминатите скоро 9 години додека управувавте со Министерството, го водевте исто како и пасошите и личните документи.

За среќа, Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски и неговиот кабинет работат на издржано законско решение со кое што на полициските службеници кои навистина заслужуваат и им е потребно решавање на нивните проблеми од ваков карактер, ќе им биде овозможено надминување на истиот. Ама на вистинските заслужни полициски службеници, не на партиските послушници на Спасовски и на Бојмацалиев кои се вдомиле во државните станови притоа неисполнувајќи ниту еден услов, порачува пратеникот Стојаноски.