Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ тврди дека голем дел од пожарите биле подметнати и дека СДС шири паника со лажни фотографии

Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојаноски, во емисијата „За или против“ на Алфа телевизија, зборуваше за активните пожари во земјава и реакцијата на институциите. Тој нагласи дека постои основан сомнеж дека голем дел од пожарите се подметнати, со политичка или друга цел. Објасни и дека СДС шири паника со  фотографии од пожари во Шпанија.

„Точно е тоа што го кажува директорот на ДЗС, бидејќи сепак тие луѓе имаат основани информации коишто доаѓаат од теренот, бидејќи се надлежни за таквите случувања. Премногу случајности за да кажеме дека тоа се случува така само од себе. Факт е дека има подметнување на пожарите на теренот низ Република Македонија“, изјави Стојаноски.

Тој потсети дека дел од сторителите биле откриени и спречени да направат поголема штета:

„Можевме да видиме дека имаше неколку лица којшто беа фатени на лице место, којшто беа уапсени. Неколкумина којшто се обиделе со најразлични материјали да создадат пожар, притоа не успеале и материјалите биле најдени на терен“, додаде пратеникот.

Стојаноски остро ја обвини опозициската СДС за, како што рече, обид за ширење паника и политичка манипулација. Според него, наместо да помогнат, тие ја користат ситуацијата за сопствени интереси.

„На страницата на опозиционата партија СДС, вие ќе видите дека тие толку нечесно сакаат оваа тема да ја дигнат во јавноста и да создадат кај граѓаните одреден немир или хистерија, да користат слика од пожари во Шпанија за да прикажат дека тоа се случувало во Македонија, за да добијат политички бенефит на две основи. Првата е да покажат дека не биле толку неспособни колку што граѓаните видоа во изминатите седум години, а второ, таа нивна девиза, колку полошо за државата, толку подобро за СДС и да покажат дека државата е неспособна да се справи со тие пожари“, објасни Стојаноски.

Тој ги пофали институциите и службите кои, според него, успешно се справуваат со предизвикот:

„Нашите институции, пожарникари, како и војниците и полицајците се на висина на задачите и успеваат состојбата да ја стават под контрола“, заклучи Стојаноски.