Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Бојан Стојаноски тврди дека најновите економски показатели ја демантираат, како што вели, кампањата на СДСМ и нивните „економски експерти“. Во објава на социјалните мрежи тој наведе дека инфлацијата се намалува, а извозот, индустриското производство, вработеноста, БДП и буџетските приходи бележат раст.
„Стратегијата на тој талог е едноставна – креирање лажна кампања со тотално лажни и неточни тези, а потоа создавање хистерија која е далеку од вистината. Затоа е важно да се одговара со факти и аргументи“, наведе Стојаноски.
Тој се повика на податоците според кои годишната инфлација во јули изнесува 2,3 отсто. Според него, во април инфлацијата била 5,7 отсто, што значи дека до јули е намалена за 3,4 процентни поени. Во јули, пак, храната и безалкохолните пијалаци поевтиниле за 1,1 отсто во однос на јуни.
Стојаноски направи споредба и со 2022 година, кога, како што посочи, СДСМ ја предводела Владата.
„Во периодот март – јули 2022 година просечната годишна стапка на инфлација изнесувала 12,34 проценти, додека во истиот период годинава е 4,22 проценти. Тоа значи дека денес растот на цените е приближно трипати понизок“, наведе тој.
Пратеникот посочи и дека извозот во првите шест месеци од годинава е зголемен за околу осум отсто, индустриското производство во јуни за 6,5 отсто, а преработувачката индустрија за 7,9 отсто. БДП, според него, во првиот квартал пораснал за 3,1 отсто.
Тој додаде дека бројот на вработени е зголемен, невработеноста е намалена од 11,7 на 11,3 отсто, а раст има и кај даночните и вкупните буџетски приходи.
„Инфлацијата се намалува. Извозот расте. Индустриското производство расте. Вработеноста расте. БДП расте. Приходите во Буџетот растат. Бројките покажуваат дека економијата се движи во позитивна насока“, истакна Стојаноски.
Тој нагласи дека падот на инфлацијата не значи враќање на цените на старите нивоа, туку забавување на нивниот раст, и најави продолжување на мерките за животниот стандард, инвестициите, извозот и отворањето нови работни места.
