Иднината на Украина е во НАТО, изјави денеска генералниот секретар на Алијансата, Јенс Столтенберг, за време на неговата прва посета на Киев од почетокот на руската агресија, која во моментов е најважно да се порази, а за членството ќе се разговара на самитот во јули, во Вилнус .
-Иднината на Украина е во евроатлантското семејство, иднината на Украина е во НАТО. Во исто време, главната цел на Северноатлантскиот договор и нејзините сојузници е да обезбедат Украина да победи, рече Столтенберг на заедничката прес-конференција со Украинскиот претседател Володимир Зеленски.
Генералниот секретар вети континуирана воена поддршка за Украина. Тој потсети дека до сега сојузниците на НАТО обучиле десетици илјади украински војници и обезбедиле 65 милијарди евра воена помош, додаваат британските медиуми.
-НАТО е со вас денеска, утре и колку што ќе биде потребно, рече Столтенберг, а потоа го покани Зеленски на самитот на НАТО што ќе се одржи во Вилнус, главниот град на Литванија, во јули.
Денешната порака на генералниот секретар лесно може да го разбесни Кремљ, од каде претходно денеска изјабвија дека спречувањето на влезот на Украина во НАТО е една од главните цели на нејзината „специјална воена операција“, што е термин што Русија редовно го користи за инвазијата врз соседната земја, што ја почна пред 14 месеци.
Украина уште во септември ја објави својата кандидатура за членство во НАТО, откако Кремљ ги анектираше четирите украински региони, што се окупирани од руската војска.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, денеска на прес-конференција повтори дека Русија е против приемот на Украина во НАТО, бидејќи „…во спротивно, ќе има сериозна, голема закана за безбедноста на нашата земја“.
Столтенберг денеска го посетува Киев на само еден ден пред состанокот во германската воздушна база „Рамштајн“, каде претставниците на Контакт групата за одбрана за Украина ќе разговараат за нови испораки на оружје за Украина.