Со силна порака до јавноста – „Корупцијата е двонасочна – и давање и примање мито е криминал“, Царинската управа ја продолжува акцијата „Стоп за корупција“ која трае до 25 април. Кампањата има за цел да го подигне јавното сознание за опасностите од корупцијата и да поттикне граѓанска вклученост во нејзиното сузбивање.
На граничните премини и царинските испостави се делат брошури со практични информации за тоа како секој граѓанин може да пријави корупција, но и за нејзините последици врз државата – од финансиски до безбедносни ризици.
Царинската управа со кампањата Стоп за корупција апелира до јавноста:
– Пријавете корупција на телефонскиот број 197
– Бидете активен чинител во борбата против неправдата
Во соопштението од институцијата се наведува дека се презема сеопфатен пристап за сузбивање на корупцијата, вклучително и:
– Зголемени теренски контроли
– Идентификација на ризични локации
– Брзи и ефикасни истраги
Царинската управа предупредува дека корупцијата директно влијае врз националната безбедност и буџетските приходи, и затоа останува приоритет во нивната стратешка работа.
Активностите се веќе реализирани на повеќе гранични премини и царински испостави, меѓу кои:
Аеродром „Св. Апостол Павле“ – Охрид, Меџитлија, Прилеп, Богородица, Гевгелија, Дојран, Блато, Струга и Ќафасан.