За разлика од лани кога поради пандемијата имаше индивидуално возење под слоганот „Ride solo together“, годинава организацијата предвидува т.н. „нова нормална” изведба со почитување на сите протоколи за заштита од Ковид-19.

Годинава, ќе бидат вклучени околу 100 моторџии облечени во фини костими со своите класични мотоцикли.

– Блескавоста на прекрасните мотоцикли и шармот на „дотераните” моторџии и оваа година ќе бидат задолжителен фолклор на Скопската парада, овојпат се разбира затскриени под задолжителните заштитни маски, со цел да се одржат добропознатите тематски постулати на овој настан – ширење на свеста кај машката популација и собирање на средства за борба против ракот на простата и машките самоубиства. И овојпат остануваме посветени на хуманитарната цел, заедно со сиот сјај кој го носи настанот, вели во изјава за МИА Игор Стефановски, еден од организаторите.

Додава дека е чест и обврска да се биде дел од едно вакво глобално хуманитарно движење чија цел е да се соберат средства за борба против ракот на простатата.

– Вреди да се спомене достигнувањето на глобално ниво, кое во изминативе 10 години за борба против ракот на простата собра повеќе од 27.5 милиони долари со над 340.000 учесници во повеќе од 107 држави во светот. Секако, и Скопското издание има свој придонес во овие бројки од 2016 година, вели Стефановски.

Новина е и новиот датум за одржување на настанот, кој од вообичаениот септемвриски термин е поместен на 23 мај.

„The Distinguished Gentleman’s Ride“ годинава одбележува 10-годишен јубилеј, а Скопје е дел од ова движење веќе шест години.