Најмалку 12 лица загинаа, а 47 се повредени откако автобус со полска регистрација излетал од автопатот М3 во источна Унгарија, паднал во канал и се превртел.

Несреќата се случила околу 2 часот по полноќ во близина на градот Мезекерестеш, на околу 140 километри од Будимпешта. Автобусот патувал кон Ниреѓхаза во североисточниот дел на земјата.

Во автобусот имало 57 патници и двајца возачи. Според унгарските служби за итна помош, десет од повредените се здобиле со тешки повреди, додека 37 лица поминале со полесни повреди. Повредените се пренесени во болница.

Унгарската полиција соопшти дека една од можните причини за несреќата е тоа што возачот заспал. Тој бил приведен по несреќата.

Полицијата продолжува да ги утврдува сите околности под кои дошло до тешката сообраќајна несреќа.