Мултифункционален научно-технолошки парк
Владата на денешната седница ја усвои Информацијата за отпочнување активности за основање мултифункционален научно-технолошки парк. Паркот ќе биде сместен на техничкиот кампус на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје.
Целта на овој стратешки проект е поттикнување на постојан економски раст преку вклучување на знаење, иновации и технологии, за создавање производи и услуги со висока додадена вредност. Тие ќе бидат конкурентни како на домашниот, така и на меѓународниот пазар.
Како што информира владината прес-служба, направена е претходна анализа со која е утврдено дека техничкиот кампус на УКИМ е најсоодветна локација. Таа е поволна од аспект на инфраструктурна пристапност. Локацијата е идеална и од аспект на можноста за трансфер на знаење и поврзување со академската средина.
Исто така, потенцијалот на оваа локација овозможува зголемена атрактивност за домашни и странски инвеститори, иновативни компании и стартапи. Проектот има за цел создавање нов бизнис-екосистем, центар за вмрежување и регионален развој.
Ќе се реконструираат и улици во Гевгелија и Бутел
Покрај оваа точка, Владата на предлог на Министерството за транспорт и врски ја разгледа и усвои Информацијата за започнување со реализација на неколку инфраструктурни проекти во општина Гевгелија.
Меѓу нив се реконструкција на главната улица во село Моин, улицата „Атанас Ѓуров“ во село Прдејци и улицата „Иван Марков Братот“ во Богородица. Дополнително, ќе се гради водоснабдителен систем во селата Љубанци и Љуботен во општина Бутел.