Премиерот Христијан Мицкоски денеска упати порака по повод одбележувањето на денот на Струмичката петорка – Мирко Пецев, Ѓорги Јармов, Ѓорги Костуранов, Борис Белев и Стево Топчев, истакнувајќи дека нивните имиња треба да останат дел од колективното паметење.

Мицкоски посочи дека петтемина струмички студенти останале запишани во македонската историја како симбол на генерација која сонувала за слобода, достоинство и иднина за својот народ.

„На денешен ден, 13 август, се сеќаваме на Струмичката петорка Мирко Пецев, Ѓорги Јармов, Ѓорги Костуранов, Борис Белев и Стево Топчев. Пет млади животи, пет струмички студенти, кои останаа запишани во македонската историја како симбол на една генерација што сонувала за слобода, достоинство и иднина за својот народ“, истакна Мицкоски.

Премиерот оцени дека нивната трагична судбина е една од болните страници на македонската историја, но и обврска за денешните генерации да градат подобра иднина заснована на почит, правда и човечко достоинство.

„Нивната трагична судбина е дел од болните страници на нашата историја. Денес, со почит и достоинство, се поклонуваме пред нивниот спомен и ја чуваме обврската да ги паметиме сите жртви од минатото, градејќи иднина во која почитта, правдата и човечкото достоинство ќе бидат темели на нашето општество“, порача тој.

Мицкоски упати почит и до семејствата на Струмичката петорка, како и до сите млади луѓе кои низ историјата носеле надеж за подобро утре.

„Денес им оддаваме почит на нивните семејства, на нивниот спомен и на сите млади луѓе кои низ историјата ја носеле надежта за подобра иднина. Нека нивните имиња останат дел од нашето колективно паметење. Вечна им слава!“, заклучи тој.