Судењето за случајот „Лотарија“, во кој меѓу обвинетите е и поранешниот вицепремиер Артан Груби, ќе започне на 24 август во 10 часот, соопштија од Основниот кривичен суд Скопје.
Предметот преку системот за автоматска распределба му е доделен на постапување на судијката Билјана Шуплиновска-Јовевски.
Основното јавно обвинителство Скопје претходно поднесе обвинителен предлог против Груби и други лица, со кој се товараат за злоупотреба на службената положба и овластување.
Поранешниот вицепремиер веќе шести месец се наоѓа во мерка куќен притвор.
Од Кривичниот суд појаснуваат дека, согласно член 470 став 4 од Законот за кривичната постапка, куќниот притвор по поднесен обвинителен предлог може да трае најмногу до 60 дена, односно до завршување на главната расправа.
