Поради најавите од изминатиот период дека новоформираната универзитетска полиција во Грција од денеска ќе биде распоредена на универзитети во Солун и Атина, рано утрово се одржаа протести на студентите, кои ги блокираа влезовите на неколку универзитети во различни атински населби, јави дописничката на МИА од Атина.
Универзитетската полиција, односно „Тимовите за заштита на универзитетски институции (ОППИ)“, сепак, ќе почне да функционира во текот на летото, како што денеска откри грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис, во интервјуто за солунското радио „100ФМ“.
-Тимот за заштита на универзитетските институции веќе е обучен, во моментов го чекаме конечното објавување на Претседателскиот декрет кој ќе го регулира работењето, во целосна консултација сме со ректорските власти и оценувам дека во текот на летото овие тимови ќе се распоредат на Универзитетите за да бидеме целосно подготвени кога ќе започне новата академска година, во септември, да можат студентите, професорите, универзитетскиот персонал да го добијат очигледното право на безбедност, да можат да се движат низ кампусот без да се чувствуваат загрозени од никого, објасни Мицотакис.